На Холандија ѝ се суди во Хаг за соучесништво во воени злосторства во Газа

by Fokus

Претставници на холандската држава в понеделник ќе се појават пред Окружниот суд во Хаг под обвинение за соучесништво во воени злосторства во Газа, поднесени од организации за човекови права за извоз на делови за борбени авиони Ф35 во Израел, објави судот.

Организациите, вклучително и холандските ограноци на Амнести Интернешнл и Оксфам, тврдат дека „Холандија придонела за широко распространето и сериозно кршење на хуманитарното право од страна на Израел во Газа“ со тоа што дозволила испорака на резервни делови за израелски борбени авиони додека конфликтот е во тек, пренесува Ројтерс.

Холандскиот министер за одбрана одби да го коментира случајот, а претходно овој месец, холандскиот весник NRC објави наводи од владини извори дека Холандија дозволила испорака на делови за израелски воени авиони, и покрај предупредувањата од правните советници дека тоа би можело да биде прекршување на меѓународното право бидејќи авионите се користат во бомбардирањето во Појасот Газа.

Неколку претставници на Обединетите нации, вклучително и Високиот комесаријат за човекови права на ОН, предупредија дека израелските воздушни напади врз Газа може да се претстават како воени злосторства, со оглед на големиот број цивилни жртви.

Израел, сепак, ги негира обвинувањата за воени злосторства, велејќи дека неговите воени сили се придржуваат до меѓународното право.

Поврзани новости