Додека СЈО тапка во место, чекајќи го новиот закон, за кој треба да се испазарат политичарите, кривичните дела за дел од обвинетите почнаа да застаруваат, што значи дека ќе се спасат од судење и од евентуална казна.
Ако се има предвид дека „бомбите“ сведочат за криминал од 2011 до 2015 година, односно во време кога било вршено незаконското прислушување, а СЈО беше формирано во 2015 година, постои реална опасност од застарување на дел од кривичните дела, бидејќи рокот тече од денот кога се сторени.
Екс премиерот Никола Герувски со бегството во Будимпешта, Унгарија, се спаси од двегодишната казна за случајот „Тенк“, а доколку Врховниот суд го врати случајот од почеток, тогаш нема да му се суди повторно, бидејќи делото е веќе застарено.
А, како што тргнала работата, наскоро ќе се спаси и од кривичен прогон од случајот „Траекторија“. Поточно, тој нема да одговара кривично за изградба на автопатот Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, бидејќи делото за кое го гони СЈО застарува на крајот на октомври годинава.
За да не застари делото до овој рок, Кривичниот суд најпрвин треба да донесе првостепена пресуда, а потоа да се изјасни и Апелација, што е невозможно да се стигне.
Во овој случај Груевски е обвинет за делото „Примање награда за
противзаконито влијание“ од чл.359 ст.2 од КЗ, за што е предвидена затворска казна од една до три години, поради што пак застарува за шест години.
На останатите обвинети во овој случај, меѓу кои се и екс министрите Миле Јанакиески и Владимир Пешевски ќе продолжи да им се суди, бидејќи се обвинети за кривични дела за кои се предвидени повисоки казни, а со тоа и застарувањето се одложува. Груевски во овој случај се гони за „Примање награда“ за што е предвидена затворска казна од една до три години, поради што делото застарува за шест години, од моментот кога е сторено, односно сметано од 2013 година.
За разлика од Груевски, екс министерот Јанакиески, кој исто така е обвинет за финансиски злоупотреби при изградба на автопатот, не може да се крсти на картата на застарување, бидејќи за разлика од неговиот некогашен шеф тој се гони за посериозно кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку пет години. Ова дело застарува дури во 2023 година.
Постои реална шанса во иднина Груевски да куртули уште од два предмети на СЈО. Случајот „ТНТ“ или рушењето на „Космос“ застарува во 2022 година, бидејќи му се заканува казна од најмалку три години, а за три години застарува и „Насилството во Центар“, за што му се заканува затворска казна од пет години.
Со застарување , бегалецот Груевски, повеќе од сигурно е дека нема да се спаси за предметот „Титаник“, односно за изборните нерегуларности, бидејќи според улогата што ја одиграл во овој случај предвидена е висока казна а делото застарува во 2034 година.
Валентина Вурмо