На Груевски и понатаму му се суди во „Траекторија“, застарувањето не важи!

by fokus

Иако пред еден месец судијата Горан Бошевски констатираше дека кривичното дело за кое се гони екс премиерот Никола Груевски во случајот „Траекторија“ е застарено, сепак Апелација го поништи ваквото решение, што значи дека на екс премиерот и понатаму му се суди за злоупотребите при изградбата на автопатите Штип-Миладиновци и Кичево -Охрид.

Жалбата до второстепениот суд ја поднесе Обвинителството, а Апелациониот суд утврдил дека судијата не може да носи вакви решенија, туку застареноста на кривичното дело да ја констатира само со одбивателна пресуда.

Ова значи дека кога случајот ќе дојде до пресуда, тогаш Груевски ќе се спаси со застарување, но од друга страна пак се остава можност во текот на судењето обвинителството да направи преквалификација на делото, доколку за тоа се создадат услови во текот на судската постапка, што би можело и да резултира со осудителна пресуда.

Во овој случај Груевски беше обвинет за делото „Примање награда за противзаконито влијание“ од чл.359 ст.2 од КЗ, за што е предвидена затворска казна од една до три години, поради што пак застарува за шест години, сметано од 2013 година. Доколку сега Груевски со преквалификација се гони за друго дело, што е возможно да се направи со нови докази или сведочења, а за кое е предвидено повисока казна, тогаш нема да може да се спаси со застарување.

Валентина Вурмо

Поврзани новости