Објавен е јавниот повик за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лицата со ниски примања. За таа цел, обезбедени се 60 милиони денари.
Според јавниот оглас, објавен на веб-страната на Министерството за економија, лицата со ниски примања ќе добијат финансиска помош преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 до 800 денари сметано од денот на поднесување на барањето. Проценките се дека ќе бидат опфатени над 7.500 домаќинства.
– Со цел да се обезбеди заштита на ранливи потрошувачи на енергија, согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, Министерството за економија денеска објави јавен оглас за доделување на финансиска поддршка на лицата со ниски примања во 2022 година чии редовни месечни примања во домаќинството не го надминуваат нето приходот од 30.000 денари и тоа за самец до 15.194 денари, домаќинство со два члена до 18.000 денари, домаќинство со три члена до 21.000 денари, домаќинство со четири члена до 25.000 денари и домаќинство со пет члена и повеќе до 30.000 денари, појаснува министерот за економија Крешник Бектеши во објава на „Фејсбук“.
Доделувањето на финансиската поддршка ќе го врши Министерството за економија преку селекција на пристигнатите барања со примена на принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година за секоја од категориите, се до исцрпување на предвидените средства согласно програмата.
Финансиската поддршка се доделува на месечно ниво по корисник во времетраење од 12 месеци.
Лицата кои ги исполнуваат критериумите треба да поднесат барање, потоа изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна, потврда од работодавецот за висината на исплатена плата во 2021 година или извештај од банка за уплатени пензиски примања од Фонд за ПИОМ (чек за пензиски примања) за 2021 година и извод од банка за сите трансакциски сметки направени минатата година од страна на подносителот на барањето и на членовите на домаќинството. Меѓу документите што треба да се поднесат се и потврда од Агенцијата за вработување дека членовите на домаќинството не се вработени и фотокопија од последната добиена сметка за 2021 година за потрошена електрична енергија во домаќинството.
Целокупната документација се доставува преку пошта до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр.15, 1000 Скопје, со назнака – јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година.
Повеќе информации за огласот може да се најде на https://www.economy.gov.mk/doc/3070, а рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавување на огласот.