На гласачкото ливче ниту овој пат нема да стои името на државата

by fokus

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски и членови на ДИК утрово го следеа процесот на преземање и дистрибуција на гласачкиот материјал што го изработи битолската печатница „Киро Дандаро“.

Државната изборна комисија го презеде доверливиот материјал, гласачките ливчиња и друг материјал потребен за претстојните претседателски избори, како и за вонредните избори за градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село.

На прес – конференцијата во Битола, првиот човек на ДИК ги демантираше лажните вести за ликот на гласачкото ливче, публикувани од социјални медиуми, според кои на гласачкото ливче ќе стои новото уставно име на државата Република Северна Македонија.

-Во оваа прилика сакам  да демантирам одредени шпекулации кои се појавија на социјални мрежи, а поврзани со изгледот на гласачкото ливче. Како што претходно кажавме, гласачкото ливче го содржи знамето на нашата држава, редните броеви на кандидатите, име и презиме на кандидатите, и симболите на политичките партии кои дадоа согласност за тие симболи. Други ознаки на гласачкото ливче нема и нема потреба јавноста да се доведува во заблуда за наводни други додатоци – нагласи Деркоски.

Тој рече дека се е подготвено за првиот круг од изборите.

Битолската печатница „Киро Дандаро“ докажана со својата професионалност и квалитетна работа, и годинава доби задача да го изработува севкупниот изборен материјал за претстојниот изборен процес.

-Гласачкиот материјал е изработен на највисоко квалитетно и безбедносно ниво. Гласачките ливчиња имаат 21 заштита и невозможно е фалсификување на ниту еден лист. Посебна заштита има и за оригиналните записниците и тие не може да се преправаат ниту копираат. Во печатницата се изработи и гласачкиот материјал за вонредните локални избори за градоначалник во Охрид, Дебар и Ново Село, истакна Драги Милошевски, генерален директор на АД Печатница „Киро Дандаро“-Битола.

Од ДИК и денеска потсетија дека на единствениот избирачки список запишани се 1.808.131 гласач, а гласањето ќе го спроведуваат 80 општински изборни комисии на 3.480 избирачки места.

Поврзани новости