Ставот на Франција е јасен и не е нов. Истиот став го делат и сите европски институции, а тоа е – безрезервна поддршка за отворање колку што е можно побрзо на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер.
Според него, доколку во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија, за кои рече дека ги охрабрува, се постигне вистински напредок чија што завршница би значело отворање на претпристапните преговори, Франција не само што е подготвена и расположена да го направи тоа за време на своето претседателство, туку ќе и биде и вистинска чест.
Во однос на тоа дали смета дека новиот пристап во дијалогот меѓу Скопје и Софија ги дава посакуваните резултати, тој вели оти станува збор за работа што е во тек, за којашто преговараат двете земји, но оти го охрабрува раздвижувањето на разговорите.
– Она што е јасно е што навистина постои нов пристап во преговорите што беше посакувано од двете страни, се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми. За нас, Франција, земја која што претседава со Советот на ЕУ е многу важно да бидеме редовно и постојано информирани за сите прашања. И токму тоа се случува. Има постојан дијалог меѓу двата главни града, постојано информирање, особено преку заемните посети на високо ниво. Има совршена координација и меѓу нас Европејците и европските институции, рече Бомгартнер.
Тој подвлече дека со огромно внимание се следи ова прашање во европски рамки, но овој процес во моментот е во билатерални рамки, и повтори дека и француското претседавање со ЕУ го следи ова раздвижување, го охрабрува раздвижувањето и оти се подготвени како француско претседавање со ЕУ во даден момент да ја преземе својата одговорност.