На фејсбук објавени нови „бомби“, објавувачот вели дека ова е само почеток!

by fokus

Не запира објавувањето на нови „бомби“. Денеска на социјалната мрежа фејсбук објавени се неколку нелегално прислушувани разговори.

Објавувачот за последната „бомба“ која ја постирал, напишал дека е разговор меѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, а зборуваат за Блерим Беџети, поранешниот министер за правда.

Втората бомба е на албански јазик, а објавувачот тврди дека зборуваат Муса Џафери и Бкир Асани.

Објавени се и уште шест бомби, со назнака дека тоа е само почеток.

-Ова е само почеток на публикации на некои прислушувани разговори во кои се  вклучени Али Ахмети и Муса Џафери, напишал објавувачот, додавајќи дека кумановската група, мислејќи на осудените за Диво Насеље, поседуваат уште разговори кои ќе бидат објавени, барајќи меѓународна истрага за случајот, за да наводно се откриела улогата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Профилот на објавувачот на „бомбите“ не е анонимен, има над 2.000 пријатели, а закачени се и повеќе фотографии, со симболот на УЧК.

„Фокус“ го сокри името на објавувачот, бидејќи самиот пристап до нови бомби е законски регулиран.

Поточно, по протекување на „бомбите“ по социјалните мрежи се создаде дилема за тоа дали тие смеат да се споделуваат во јавноста, бидејќи во октомври 2015 година беше донесен Закон за заштита на приватноста. Во член 1 став 3 изречито се забранува нивно објавување.

“Со законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички или други цели и постапки.“

Подолу во Законот пак се предвидени и казни и тоа до една година затвор, напоменувајќи дека тоа важи за објавување на приватни разговори, а не важи за разговор кои се од јавен интерес.

В.В.

Поврзани новости