На Ердоган му се слоши на телевизиско интервју

by fokus

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа го прекина телевизиското интервју во живо откако за време на разговорот му се слошило.

Ердоган потоа се врати и се извини, објаснувајќи дека почуствувал куса болка во стомакот.

Турскиот лидер (69) само вчера одржа три предизборни говори во екот на кампањата за парламентарните и претседателските избори на 14 мај.

Синоќа тој требаше да го заврши предизборниот ден со интервју во живо за „Улке ТВ“ и „Канал 7“. Но, неговото појавување на телевизија доцнеше повеќе од 90 минути, а потоа беа скратени десет минути од емисијата. Камерата се затресе, а новинарот кој го поставуваше прашањето стана од столот додека се скрши преносот.

Од зад камерата се слушна неидентификуван глас како воздивнува.

Претседателот Ердоган се врати во студиото 15 минути подоцна и се извини и објасни дека му е лошо.

-Вчера и денеска беа напорни денови. Ме фати стомачен вирус. Во еден момент се запрашав дали би било погрешно ако го откажеме интервјуто. Но, ветивме. Барам прошка од вас и од вашата публика, рече Ердоган.

Неговото лице изгледаше уморно, а очите му се стеснуваа додека зборуваше, јавуваат турските медиуми.

Ердоган потоа одговори на уште неколку прашања пред да заврши разговорот.

Тој и неговата партија доминираа со турската политика во последните 20 години. Меѓутоа, оваа изборна кампања претставува еден од најтешките предизвици за време на неговото долго владеење.

Поврзани новости