На едно место секој заинтересиран инвеститор и купувач на недвижен имот да добие точна информација за недвижниот имот расположлив за продажба. Тоа треба да се овозможи со воспоставувањето на новиот регистар на преземени недвижности наменети за продажба, што се очекува да профункционира до крај на годинава во рамки на е-Кат системот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Формирањето на овој регистар е поврзано со Регистарот на цени и закупнини и Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, како дел од геодетско катастарскиот информациски систем. Податоците за недвижностите од регистарот на преземени недвижности наменети за продажба ќе бидат предмет на обработка во Регистарот на цени и закупнини.
Почетното воспоставување на регистарот би значело доставување на податоците со кои располагаат банките, штедилниците, Управата за јавни приходи, Агенцијата за управување со одземен имот и други финансиски субјекти.
Подзаконски акти и техничко решение за новиот регистар
Предуслов за воспоставување на Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба беа измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности донесени во јуни годинава.
Од Катастарот за МИА велат дека работна група ги подготвува подзаконските акти и се очекува следниот месец да биде готов потребниот Правилник за начинот на водење, формата и содржината на Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба.