Состојбата со корона вирусот во Општина Неготино е надвор од контрола, посебно со повозрасните. Има многу за кои нема кој да се грижи, доста голем број на млади пациенти се хоспитализирани. Конкретно, вчера на клиника во Скопје е испратено момче родено во 1993 година, со пад на сатурација, кое се јави на лекар десет дена по појавата на симптомите, без матичен лекар… Имам искуство со три пати релапс на болест кај еден ист пациент, на возраст од 38 години. Имам млади пациенти хоспитализирани, спортисти… Пациент со карцином на бели дробови без значајни симптоми – вака го започна разговорот за ,,Фокус” д-р Јован Кузманов, лекар по Општа медицина во Неготино, вработен во приватна ординација, кој цела година работи со ковид позитивните пациенти од општината.
За него, негови пациенти кои биле инфицирани, а со кои разговаравме, велат дека уште од почетокот на пандемијата работи посветено, и не се случило да лекува пациент по телефон, што е честа пракса на голем број на матични лекари. Минимум пет пати бил прегледан секој негов позитивен пациент, без оглед на состојбата и симптомите.
Работел со пациенти инфицирани со кинескиот, а сега и со британскиот сој на вирусот, кој е широко распространет во градот. Неготино, со над 420 регистрирани активни случаи, според вчерашниот извештај на Министерството за здравство, е жариште на вирусот веќе со недели наназад. Според д-р Кузманов, оваа бројка не е реална, туку за жал, вистинската слика е далеку полоша.
-Имам на пример случај, кога мајката е позитивна, со симптоми, помалото дете исто позитивно со симптоми, а поголемото со симптоми, но негативно. Значи, бројката е далеку повисока. Најверојатно негативното дете било векторот на пренос на вирусот, по одредено време се негативизира на тестот, но ги заразува своите дома. Состојбата е лоша, се чувствува притисокот на работа. Имавме неделен раст од 94 проценти, затоа редовно на социјалните мрежи објавувам пораки, во надеж дека ќе дојде до освестување и ќе се преземат мерки – раскажува докторот.
Додава дека кривата на раст е загрижувачка, а со преполовен кадар нема друг излез од состојбата, освен воведување на ригорозни мерки.
-Има само еден интернист во болницата за ковид во градот, бидејќи другиот е на боледување, поради инфекција со вирусот. Медицински сестри имам заразени од здравствениот дом кои се мои пациентки. Апелирам до надлежните да се испрати барем уште еден интернист во здравствениот дом во Неготино, како помош на персоналот. Да се стави градот под строга контрола! На крајот на денот, ако треба и се да се затвори на две недели! –вели д-р Кузманов.
Појаснува дека минатата година, кога Дебар стана жариште на вирусот, неговото затворање и целосниот полициски час покажал добри ефекти во ставањето на ширењето на заразата под контрола. Смета дека тоа треба да се случи сега со Неготино, за да се стави крај на неконтролираното ширење на заразата.
-Кафеани, ресторани, кафулиња, тоа задолжително треба да биде затворено. Да не затворат и да нема влез и излез. Инаку, со циркулација на луѓе, ни нема крај. Ние сами по себе сме жариште и опасност за другите градови! На пример, Велес овој период се смирува, кај нас не е таква состојбата. Градот мора да биде ставен под строга контрола. Од пациентите кои на дневно ниво доаѓаат кај мене, дури над 90 проценти се инфицирани со ковид. Лоша ни е епидемиолошката анкета, со брзи чекори одиме кон удолнина, се тркаламе! Мора се да застане за да може да ги мапираме позитивните, ова е неверојатно висока бројка! За четири дена само кај мене дојдоа над 40 нови инфицирани- тврди докторот.
Пред два дена тој беше дел од онлајн предавањето на тема ковид, чиј организатор беше Ротаракт Клуб Неготино. Вели дека имало интерес од страна на граѓаните, а најчестите прашања кои му ги поставиле биле како дојде до оваа бројка на инфицирани во општината, дали оние кои веќе го прележале вирусот можат да бидат порелаксирани поради антителата, кои се постковид компликациите и слично.
И додека во градот се зголемува бројот на оние кои започнуваат сериозно да гледаат на пандемијата, дури откако ќе го прележат вирусот со тешки симптоми или пак изгубиле некој близок кој бил инфициран, голем е бројот и на оние кои се уште не ја сфаќаат сериозноста на болеста и продолжуваат со истите животни навики од пред пандемијата, но и со теориите дека авиони прскаат со вирус, и како ова е завера против човештвото. Се нема слух за предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници кои со часови се во заштитната опрема, ризикувајќи го сопствениот, но и животот на своите блиски. Од една страна се сликите на уморните здравствени работници и на пациентите кои во голем број чекаат пред ЈЗУ Неготино и пред приватните клиники во градот, а од друга пак, слики на релаксирани граѓани кои се дружат во угостителските локали или пак во домашна атмосфера.
Поради влошената состојба со вирусот во градот Кризниот штаб на општината пред 15 дена побара воведување на полициски час. Наредниот ден беше донесена одлука да се забрани користење на јавните површини, односно паркови, спортски терени, како и да не се седи на клупите на градскиот плоштад и околу спортската сала. Им беше забрането на лицата кои не се жители на општината да продаваат свои производи на градскиот пазар.
Но, ако спортските терени се празни, кафулињата во градот константно се полни со млади лица, кои очигледно не ја сфаќаат сериозноста на состојбата со вирусот. Инфицирани пациенти од Неготино го наполнија ковид одделот во кавадаречката болница, а голем бројот и на оние кои се лекуваат на скопските клиники.
Вики Клинчарова