Професорката невропсихијатар Викторија Вујовиќ в понеделник на судењето за „ТНТ“ ќе мора лично да образложи пред судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани какви психички пречки има обвинетиот ексградоначалник Тони Трајковски што не може да доаѓа и да го следи судењето, пишува порталот СДК.
„За главната расправа насрочена на 20.01.2020 година Судот ја повика докторката – професор од овластената клиника, која на обвинетиот Тони Трајковски му издаде медицинска документација дека има здравствени проблеми и не може да ја следи расправата. Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе ѝ овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што таа веќе има издадено соодветна документација“, соопшти Кривичниот суд.
На Вујовиќ нема да ѝ биде првпат да образложува дијагноза и боледување на обвинет поранешен висок функционер, што таа го напишала.
На 19 септември 2005 година, по нејзино сослушување од страна на Кривичниот суд, тогашниот обвинет ексдиректор на Фондот за здравство Војо Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ, избегна мерка притвор. Но, доби и одлагање на судските рочишта за низата злоупотреби што ги вршел како директор на оваа важна институција, со кои државата беше оштетена за неколку стотини илјади евра.