Владата треба да биде на располагање на своите граѓани, ако едни злоупотребуваат – да бидат казнети, ама на другите да им помогнат и да ги поддржат. Тука, сите страдаат. Затоа не ве бива и економијата тоне. Затоа што дојдовте со шарените, со протести без никаква програма
Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА
Секогаш кога треба да пишувам колумна, си велам: „Гордана, овојпат дај малку позитивно“. И седам, се мислам, премислувам, анализирам, ама никако да дојде една позитивна мисла.
На крајот завршувам со истиот заклучок, сѐ додека е СДСМ на власт, позитивни мисли нема. Зошто?
Затоа што од ден во ден излегува на виделина секоја нивна лага кажана претходно. А во лагите нема ништо позитивно.
Онаа народната дека „На лагата ѝ се кратки нозете“ е опис токму за СДСМ.
ПРОГРАМА ИЛИ ОБИЧЕН ЛИСТ ХАРТИЈА
Можеби требаше да поминат неколку години, да се случат многу штети за да излезе на виделина дека „Планот за живот“ е обичен лист хартија, кој нема никаква поткрепа, збир на некакви идеи без план за негова реализација. За ова има милион докази, убаво е човек одвреме-навреме да се потсети што пишуваше на тие листови хартија.
Фокус ќе им беа обновливите извори на енергија, демек стратегија имаа, а на крајот лутаат. Уште, втора фаза од ветерен парк Богданци не ја направија.
Како почна кризата, така сфатија дека обновливите извори не им вршат работа, па ја менуваа стратегијата, ако воопшто и ја имаат во пишана форма.
Предвидуваа прогресивно оданочување и го воведоа, но за нецела година се вратија на старото решение. Се поставува прашањето: Кога напишаа во програмата, направија анализа за ефектите од прогресивниот данок или на некој му текна, така од ракав?
Во тој „План за живот“ со кој се претставија во 2016 година имаше место и за земјоделците. Тие што ни се многу важни, што треба да ги поддржуваме, а за кои ништо не направија.
Во нивната програма, уште на почетокот, на страница 6 јасно стои дека ќе има државна помош за земјоделците и дека ќе биде во износ од 160 милиони евра.
Исто така, во програмата предвидуваат 30 проценти повеќе субвенции за секое ново грло добиток и 20 проценти повеќе за секој нов хектар.
Ако се погледне буџетот на Агенцијата за поддршка во земјоделието, можеме слободно да заклучиме дека онаму каде што застанало ВМРО ДПМНЕ, таму стои денес и владата предводена од СДСМ, ако ги гледаме бројките во апсолутен износ.
Односно, од 140 милиони евра, колку што бил буџетот во 2016 година, во кризните години се намалува, така што за 2023 година имаат планирано 143 милиони евра буџет.
Како процент од вкупните расходи тоа е помалку, бидејќи расходите растат, што нѐ води до заклучокот дека, не само што не ги даваат ветените пари во форма на субвенции, туку и ги намалуваат како што расте буџетот (како процент од вкупни расходи).
СЕГА СЕ СЕТИВТЕ ДЕКА ТРЕБА РЕФОРМИ
И тука не е крајот! По 6 години власт, излегува вицепремиерот за економски прашања, тој истиот што бил дел од Комисијата за финансии на СДСМ и што имал удел во програмата, и вели дека нема повеќе субвенции за козари без кози и лозари без лозје.
Е убаво кажано де, ама по 6 години власт? Ако сте исплаќале досега на такви луѓе, кој ќе одговара за тоа? Каде ви беше планот за реализација на овие субвенции што ги напишавте во програмата?
Нели е срамно по 6 години да давате вакви коментари? За што земате плата сите таму во Владата? За по 6 години да слушаме коментари како да сте во првите 100 дена владеење?
И додека вие во 2023, пазете 2023, а не 2017, се сетивте дека треба да правите реформи во начинот на субвенционирање на земјоделците, тие работат со крајни сили.
Последната година мака мачат со високите цени за средствата за третирање на земјоделски производи, нивниот труд е речиси залуден, па на крај и цените им ги замрзнавте.
Ако нема соодветна и навремена поддршка за земјоделците и нема доволно производство, тогаш цените ќе растат, тоа е економско правило.
Ај што немавте план во 2017, ама и од 2020 никаков заклучок не извлековте. И покрај сите наши коментари дека треба да се поддржат домашните земјоделци на почетокот на 2022 година, вие пак ништо не направивте и ги оставивте да се мачат.
И сега во 2023 се сетивте дека треба реформи? Владата треба да биде на располагање на своите граѓани, ако едни злоупотребуваат – да бидат казнети, ама на другите да им помогнат и да ги поддржат, посебно во вакви услови. Тука, сите страдаат.
Затоа не ве бива. Затоа економијата тоне. Затоа што дојдовте со шарените, со протести без никаква програма, која се темели на сериозни планови и анализи. Затоа денес сме таму каде што сме, на дното!
(Авторката е потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ)