На директорот на МРТ, Марјан Цветковски, му се закануваат најмалку пет години затвор според кривичната пријава која во неделата му ја поднесе МВР за злоупотреба на службената положба и овластување.
Од МВР појаснија дека Цветковски, заедно со уште едно лице, се под сомнение дека во текот на 2016 година сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5, а во врска со член 22 од КЗ на РМ.
-Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни
набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија,
од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се
казни со затвор најмалку пет години, предвидува член 353 став 5 од Кривичниот законик.
Членот 22 пак е за соизвршителство: Ако две или повеќе лица, со учество во дејствие на извршување или со друг особен придонес кон извршувањето на делото, заеднички сторат кривично дело, секое од нив ќе се казни со казната пропишана да тоа дело, пишува во Кривичниот законик.
Пријавата против Цветковски ја поднесе Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје, а таа веќе се наоѓа во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Според неа во 2016 година, Цветковски од позиција на директор на МРТ склучил тендер со кој го оштетил буџетот на телевизијата, односно го склучил на повисока цена иако од Комисијата за јавни набавки го известиле дека по спроведената електронска аукција била постигната нова пониска цена. Па така, тендерот наместо да биде склучен на сума од 1.051.650 денари без пресметан ДДВ, бил договорн на 2.100.000 денари без пресметан ДДВ.
Откако му беше поднесена кривичната пријава директорот Цветковски се огласи во јавноста, истакнувајќи дека е изненаден бидејќи секогаш работел законски.
-Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана во недела наутро дека против мене е поднесена кривична пријава, и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина, ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот – тврди Цветковски.