На Џиновиќ Кавадарци му стана втор дом: Наместо до 11 часот, го продолжи настапот до полноќ!

by Fokus

Популарниот фолк музичар Харис Џиновиќ синоќа во Кавадарци приреди одличен концерт и ги расположи присутните гости со своите хитови. Неговиот настап кој беше дел од ,,Тиквешки гроздобер 2023” беше предвидено да трае околу два часа, односно до 23 часот. Но, понесен од добрата атмосфера и реакцијата на публиката која во еден глас пееше со него, тој продолжи со пеење и го заврши настапот после полноќ.

Веднаш по него на бината излезе Халид Бешлиќ, кому ова му беше прва посета и прв концерт во Кавадарци.

Додека настапуваше Џиновиќ, кој има 72 години, не криеше дека е трогнат од дочекот на публиката која излезе во огромен број и го преполни плоштадот, а тоа што присутните ги знаеа наизуст стиховите на неговите песни, кажа дека му е огромна сатисфакција и прави да се чувствува како и самиот да е дел од Кавадарци.

Со својот бенд тој пееше и играше на сцената без пауза. Во еден момент застана зад клавијатурите, и за кратко му го отстапи микрофонот на еден од неговите придружни вокали, но потоа пак продолжи со својот репертоар од песни со кои пораснаа многу генерации и со децении се актуелни.

Музичарот и минатата година беше гостин на општинската манифестација и тоа беше негово прво гостување во градот. Поради одличната атмосфера која ја приреди лани, било одлучено и годинава да биде поканет на настанот.

По концертот тој замина во познат локал во центарот, каде се дружеше со градоначалникот Митко Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости