Деца кои дали имаат и по десет години возат електрични тротинети дури и по коловоз, и ја загрозуваат сопствената, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, реагираат неготинци до редакцијата на „Фокус”, откако изминатиот период се зголеми бројот на електрични тротинети во градот, а превозното средство станува се попопуларно кај младите генерации.
Сепак, според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, лица кои не навршиле 14 години не смеат да управуваат со електричен тротинет, иако сликите од терен се сосема поинакви.
Родителот, односно старателот на дете под 14 години, треба да плати глоба од 50 евра за овој прекршок. Исто така, забрането е возачот на електричен тротинет да превезува други лица.
Ако се возат електрични тротинети во група, возачите задолжително треба да се движат еден позади друг.
Но, како што раскажуваат нашите соговорници, малку од овие правила се почитуваат. Сведочат дека деца со електрични тротинети им излегуваат пред возила среде коловоз, иако тоа е забрането, и го ризикуваат сопствениот живот, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Според закон, управување на електричен тротинет е дозволено на велосипедска патека, со брзина прилагодена според условите, а која не смее да надмине 25 километри на час. На пешачка патека пак, брзината не смее да биде поголема од шест километри на час.
-Во Неготино низ градот нема велосипедски патеки. На излезот од градот, во близина на спортската сала има, но таа е оштетена е ретко кој ја користи. Токму поради тоа, децата кои управуваат со електрични тротинети, прават прекршок и возат со поголема брзина на коловозот. Голем ризик е за нив, но и за оние кои управуваат со автомобил, сепак се работи за деца кои дури не ги знаат ниту основните правила во сообраќајот, а возат во групи од по неколкумина. Возат брзо и на тротоар, па пешаците, посебно повозрасните со право се загрижени од оваа нова појава во нашиот град – појаснуваат неготинци.
Пристигаат голем број на реакции и поради управувањето на мопеди од страна на лица кои не наполниле 16 години, што според закон е минимална возраст за да стекнат право за управување со моторни возила од категориите „АМ“ и „А1“ и националните категории „Ф“’ и „Г“.
Околу тоа дека при управување на мопед задолжително е носење на заштитен шлем, како за возачот, така и за неговиот совозач, доволно е да се поминат неколку минути на улица во градот. Носење на заштитен шлем многу ретко може да се забележи, иако и за тој прекршок е предвидена глоба од околу 50 евра.
Во овој период од годината, откако времето е топло и улиците се преплавени со електрични тротинети и мопеди управувани од малолетници, граѓаните апелираат до полициските службеници често да излегуваат на терен и да не дозволат да се продолжи со прекршоците кои се случуваат на очиглед на граѓаните.
-Имаме разбирање за младите кои сакаат да се забавуваат, но постојат закони кои мора да се почитуваат. Потребно е да се превенира на време, да не се дозволи да се случуваат немили настани, алармираат граѓаните.
Вики Клинчарова