На Денот на здравјето, здравството е најболно

Да „прославиме“ еден урнисан и уништен здравствен систем, кој своите пациенти ги стави на последно место, па многу од нив умреа и како експериментални глувчиња по болниците. Ние славиме Ден на здравјето, каде болниците во внатрешноста се распаѓаат како кули од карти. Во повеќето од градовите нема родилишта и тоа во 21 век, а за да влезеш во една болница изгледа како да си влегол во кланица.Тоа е македонското здравство, каде бројни имиња можат да се напишат на еден ѕид, само како жртви на здравствениот систем.

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Денес е 7 април – познат како Светски ден на здравјето.  Во текот на целиот ден, маил сандачето ми е преполно со покани за одбележување на овој „свечен“ ден.

Главното прашање е – што всушност ние славиме? Тоа што на прсти можат да се избројат лекарите-стручњаци, кои останаа во јавните здравствени установи, додека поголемиот дел заминаа на работа во странство и во приватните болници, каде што им се нудат илјадници евра плати.

Да „прославиме“ еден урнисан и уништен здравствен систем, кој своите пациенти ги стави на последно место, па многу од нив умреа и како експериментални глувчиња по болниците. Тоа што еден пациент се шета од болница во болница, за само да може да му се воспостави дијагноза, а додека тоа се направи може и фатално да заврши.

Држава во која плаќаш здравствено осигурување, а за да добиеш здравствена услуга ќе мора да ги потегнеш сите врски на светот, за само да ја добиеш помошта, која по логика на нештата те следува. Тоа е македонското здравство, каде бројни имиња можат да се напишат на еден ѕид, само како жртви на здравствениот систем.

Ние славиме Ден на здравјето, каде болниците во внатрешноста се распаѓаат како кули од карти. Во повеќето од градовите нема родилишта и тоа во 21 век, а за да влезеш во една болница изгледа како да си влегол во кланица.

Дел од јавните здравствени установи немаат основни услови за лекување, пациентите сами си купуваат терапија, ама за тоа во држење прес-конференции и фалење ни нема рамен.

Додека јавното колабира, приватното здравство профитира. На грбот на пациентите „удрија“ илјадниците евра кои ги дадоа во приватните болници, само за да успеат да влезат и да се лекуваат. Да не ги споменуваме цените од кои боли глава за да можеш да се оперираш во една од приватните болници. Па, ако не си финансиски моќен, цел имот треба да го продадеш за да си го спасиш животот, а на крај никој и тоа не ти го гарантира.

Единствено што се помрднува во здравството  е промената на луѓето, кои седат на министерските фотелји. Како ќе се договори политичкиот пазар, така доаѓа нов министер за здравство. И што? Ништо не мрднува од мртва точка, а долговите на болниците стигнаа до околу 100 милиони евра и што е најжално, тоа за сите стана нормално.

На лекарите и медицинските сестри им се дава смешно покачување, истите оние кои треба да се грижат за здравјето на пациентите, додека пак функционерите земаат плати со високи 78 проценти повеќе, истите оние кои продаваат некултура во собраниските клупи, лажат и го манипулираат народот.

И сега каков ден на здравјето славиме? Страници и страници се потребни за да можеме да опишеме во каков здравствен хорор живееме.

Само Господ нека ни е напомош!

 

Поврзани новости