На денешната вонредна седница на Судскиот совет не се расправаше за избор на нов претседател по денешната оставка на Весна Дамева од таа функцијата. Причината е отсуството на двајцата членови на Советот – Лорета Ѓорѓиева и Александар Камбовски.
Останатите членови на Советот беа едногласни во одлуката точката за избор на претседател да се симне од дневен ред и истата повторно да биде актуелна кога ќе бидат во комплетен состав, на следната седница. Од Владата ја поздравија одлуката на Дамева да си поднесе оставка од фукцијата.
„По огромните забелешки за работата на претседателката на судскиот совет Дамева единствената можна и исправна одлука е нејзината оставка. Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира“, соопштија од Владата.
Досега реакции стигнаа само албанските партии.
Од ДУИ ги осудија „политичките напади врз Дамева“.
„Личните напади, политичките притисоци и јавните манипулации што ги опиша госпоѓа Дамева се јасен одраз на нелегитимната и неодговорна власт, која не запира во обидите да го прошири своето влијание врз секој сегмент од државата. Оваа влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта“, рекоа од ДУИ.
Од коалицијата ВРЕДИ, пак, им реплицираа на ДУИ дека тоа што зборуваат за постапување спротивно на законите е апсурдно само по себе.
„Истата Весна Дамева која денеска поднесе оставка и ДУИ леат крокодилски солзи за притисок врз неа, Селим Адеми – член на ДУИ, кој во тоа време во својство на потпретседател ја надгласа и ја разреши од функцијата претседател бидејќи на дневен ред ги ставила точките што не и одговараат на поранешната власт“, соопштија од ВРЕДИ.