На денешен ден пред 21 година е убиен српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ

by Fokus

На денешен ден, пред 21 година беше убиен Зоран Ѓинѓиќ, првиот демократски избран премиер во Србија и претседател на Демократската партија.

На 12 март 2003 година, Ѓинѓиќ беше застрелан од снајперист на Единицата за специјални операции (ЕСО).

Неколку часа по атентатот во земјата беше прогласена вонредна состојба, која траеше до 22 април, кога на предлог на Владата на Србија беше укината. Тој ден во стомакот тешко беше ранет и членот на обезбедувањето на премиерот Милан Веруовиќ.

Ѓинѓиќ беше погребан во Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта во Белград со присуство на повеќе од 70 странски државни делегации, додека стотици илјади граѓани беа во погребната поворка.

За неговото убиство, поранешниот командант на ЈСО – Милорад Улемек-Легија и Звездан Јовановиќ како непосреден извршител и десетмина соучесници беа осудени на по 40 години затвор, додека двајцата водачи на „земунскиот клан“ Душан Спасојевиќ и Миле Луковиќ-Кум беа убиени во полициска акција при нивното апсење.

Проф. Миљко Ристиќ е хирургот кој се обиде да му го спаси животот на Ѓинѓиќ. Како што неодамна изјави за Пинк, таквите работи никогаш не се забораваат.

– Поминаа 20 години, а се чини дека поминаа пет минути – вели Ристиќ.

– Ми се јавија и ми рекоа итно да отидам во Ургентниот центар. Ми рекоа дека се ќе ми биде јасно кога ќе влезам. Бев во зелена униформа, веќе беше распоредена воената полиција, не ме спречија. Има просторија за прием на итни пациенти, го препознав Ѓинѓиќ. Никогаш нема да го заборавам тоа бледило. Обилно крвавеше, имаше многу тешка повреда. Атентаторот погодил право во срцето. Десната преткомора беше зафатена, имаше пресек од шест сантиметри – рече Ристиќ.

„Анестезиологот ги постави вените за трансфузија. Притисокот беше 20, 30, неопходна беше итна операција. Мислевме дека можеме да го спасиме, да го сошиеме, можеби ќе биде во кома, па ќе се разбуди. Се договоривме за 5 до 10 минути и очекувавме да добие притисок што би му овозможило да живее подолго. Сфативме дека губи крв на друго место. Имал влезна рана од десната и излезна рана од левата страна. Атентаторот пукал во него од десната страна. Пукано е од височина и тоа не мала. Се прашувавме дали не видовме уште еден куршум. Крв течеше од градите. Оние куршуми кои се користат за атентати имаат извонредно разорна моќ, па делуваат и странично. Црниот дроб беше пресечен на 1000 парчиња“ раскажува докторот.

За време на мандатот на Ѓинѓиќ започна процес на демократизација на општеството и фундаментални економски и социјални реформи во Србија.

Тој е роден на 1 август 1952 година во Босански Шамац, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Белград во 1974 година, а во 1979 година докторирал на Универзитетот во Констанц, каде што работел како асистент.

Во Србија се вратил во 1990 година и станува еден од основачите на ДС, во која во септември истата година е избран за претседател на Извршниот комитет, а во 1994 година го замени Драгољуб Миќуновиќ на местото претседател на ДС.

Ѓинѓиќ бил и пратеник во првите три повеќепартиски свикувања на Народното собрание и во Собранието на СРЈ.

Поврзани новости