На денешен ден — Хемингвеј ја доби Пулицеровата награда за „Старецот и морето“, дело што остави траен печат во светската литература

by jadranka 21:47
21:47

На денешен ден во 1953 година, Ернест Хемингвеј ја доби Пулицеровата награда за новелата „Старецот и морето“, дело што не само што ја одбележа неговата кариера, туку и остави траен печат во светската литература.

Напишана во период кога Хемингвеј се соочувал со лични и творечки предизвици, оваа кратка, но длабока приказна за рибарот Сантјаго и неговата борба со огромниот марлин стана симбол на човечката истрајност.

Токму со „Старецот и морето“, Хемингвеј повторно ја освои книжевната критика и публиката, а една година подоцна, во 1954, ја доби и Нобеловата награда за литература. Делото и денес се смета за негово ремек-дело, не поради обемот, туку поради едноставниот, а моќен јазик и универзалните пораки што ги носи.

Во продолжение, ова е дел од највпечатливите мисли од „Старецот и морето“.
„Секој ден е нов ден. Подобро е да си среќен, но јас повеќе сакам да бидам прецизен. Така, кога ќе дојде среќата – ќе бидам подготвен.“

„Човекот не е создаден за пораз. Може да биде уништен, но не и победен.“

„Сега не е време да мислиш на тоа што го немаш. Размислувај што можеш да направиш со она што го имаш.“

„Нека мисли дека сум повеќе човек отколку што сум – и ќе станам таков.“

„Зошто старите луѓе се будат толку рано? Дали за да имаат подолг ден?“

„Глупаво е да не се надеваш. Тоа е грев.“

„Можеби не сум толку силен колку што мислам, но знам многу трикови и имам решителност.“

„Ако другите ме слушнат како зборувам на глас, ќе мислат дека сум луд. Но бидејќи не сум, не ми е грижа.“

Слични вести