На бугарска платформа се собираат донации за сајт кој пропагира „колективен катарзис и самоотрезнување“ во Македонија

by fokus

Сајтот Таковина инфо постои три години на македонскиот интернет простор, а активен станува по склучувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Најчесто објавува дневни политички вести со посебен фокус на македонско-бугарското прашање. По името на сајтот се добива впечаток дека е сајтот негува патриотски наратив, а истото може да се заклучи и од почетокот на делот „За нас“.

Авторите на сајтот велат:

„Творците на Татковина Инфо се вистински македонски патриоти на кои во преден план им се интересите на родот и татковина на која припаѓаат. Секој од нас индивидуално во изминатиот период докажал дека несебично сме посветени на ново возраѓање нашиот народ и татковина, дека се гордееме на националните ни постигнувања и имаме силно чувство на приврзаност кон родната земја, традиции и јазик.“ 

Уредник на овој сајт кој продуцира вести на македонски јазик е Мирослав Ризински, македонски Бугарин од Скопје. Своевремено во јавноста беше познат и како еден од организаторите на панихидата за Мара Бунева.
Тој е потпретедател на невладината организација Бугарски културен клуб Скопје. Оваа организација се залага за „промовирање и афирмира во јавноста ценостите на бугарската култура и се залага за зближување на културите на соседните држави – Република Бугарија и Република Македонија.“ Исто така, организацијата се дефинира како организација на македонски граѓани кои го имаат запазено своето бугарско самосознание.
Во 2007 година Ризински е осуден за примање поткуп како советник во Бирото за стопански недоволно развиени подрачја, што Софија го смета за политички прогон, бидејќи Ризински се смета за македонски Бугарин. После одлежување на казната, Ризински се преселува во Софија.

Сега сајтот промовира кампања за собирање донации со кои би се финансирало работењето на сајтот, како и финансирање на нов проект во кој тројца новинари (двајца од Македонија и еден од Бугарија) еднаш неделно ќе организираат предавања „со интересни гости од двете страни“.
Донациите се собираат преку бугарската платформа Help Karma, а наведениот износ кој Татковина сака да го собере е 61.000 евра. Досега се собрани 380 евра.

Фондацијата „Татковина“ која ја има објавено кампњата за донации се дефинира себеси како фондација која работи за поддршка, истражување, популаризација и зачувување на вековните бугарски народни традиции, обичаи, култура, живот и историја.

Од ова може да се заклучи дека македонските патриоти, како што се нарекуваат, кои стојат позади сајтот, кога велат дека имаат силно чувство на приврзаност кон родната земја, традиции и јазик, всушност мислат на вековните бугарски традиции.

Авторите на сајтот Татковина Инфо исто така велат дека идеологијата од време на Југославија создала „вештачки лажна претстава за нас самите која не држи во еден вид на колективна хипоза“. Со својот сајт сега тие сакаат дадат свој придонес во започнување на „колетивен катарзис и самоотрезнување“.

Ставот на Бугарскиот културен клуб (БККС), чиј потпретседател е уредникот Мирослав Ризински е дека меѓу граѓаните кои се самоспознаваат како Бугари и граѓаните кои се сметаат за Македонци нема суштинска разлика. Велат дека и едните и другите се идентификуваат со исти историски ликови и зборуваат ист јазик.

Што се однесува до јазикот, БККС смета дека бугарскиот литературен јазик и македонскиот литературен јазик се две рамноправни норми на еден заеднички јазик, но како што велат, го почитуваат правото на сите што го сметаат македонскиот за одделен јазик.

Катерина Смилева Божиновска

 

 

Поврзани новости