На бродот што се преврте кај Грција имало 750 мигранти, се уште се трага по преживеаните

by Fokus
Потрагата по преживеани мигранти по бродската несреќа во близина на Грција продолжила и ноќеска, но без успех. „Не се пронајдени ниту преживеани, ниту натамошни жртви“, изјави портпарол на грчката крајбрежна стража денес за државната радио телевизија.

Во рибарскиот брод кој се преврете близу Грција имало над750луѓе, меѓу нив и стотина деца, според сведошвата на преживеаните, пренесе Би-Би-Си.

Според сведоштвата на преживеаните во долниот дел на бродот имало жени и деца,а дел од мигрантите биле заклучени и не можеле навреме да го напуштат бродот, кој вчера утро на 92 километри од југозападниот брег  на Грција се преврте и потона.

Грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ објави дека се уапсени од 11 до 12 лица во пристанишната управа во Каламата.

Спасувачите сè уште ги пребаруваат морињата крај Грција во масовна операција за пребарување, бидејќи надежите за пронаоѓање на уште преживеани се намалуваат.

Бродови на грчката крајбрежна стража и на воената морнарица досега успеале од водата да извлечат тела на 79 луѓе и да ги пренесат во пристаништето Каламата. 104 преживеани мигранти се сместени во шатори во пристаништето на градот, од нив 26 биле на лекарски третман во болница, главно поради хипотермија.

Грчката телевизија ЕРТ извести дека бродот тргнал од либискиот град Тобрук, мнозинство од патниците на него биле млади мажи на возраст од 20 до 30 години, чија националност не е точно утврдена.

Вишиот лекар во Општата болница во Каламата, кој ги лекуваше преживеаните од бродоломот во средата, изјави за Би-Би-Си дека на бродот имало околу 100 деца.

Д-р Манолис Макарис, шеф на кардиологија, рече: „Тие преживеаните ни кажаа дека има деца на дното на бродот. Деца и жени. Едниот од пациентите ми кажа за 100 деца, другиот за 50, така што не ја знам вистината – но таа е мног“.

„Тоа беше трагедија“, рече тој. „Сите во Европа не смеат да ја прифатат оваа ситуација. Мораме да направиме нешто. Секој мора да направи нешто за да не се повтори“, изјави д-р Макарис.

Портпаролот на грчката влада Илиас Сијакантарис рече дека има непотврдени извештаи дека вкупно до 750 луѓе биле на бродот.

Ова е најтешката несреќа од ваков вид во Грција во оваа година. Бродот, како што соопштија грчките власти, бил на пат кон Италија, а доцна ноќта во вторникот бил откриен во меѓународни води од авион на агенцијата за заштита на границите на ЕУ, Фронтекс и два брода во југозападно од грчкиот град Пилос. Но, луѓето на бродот ја одбиле понудената помош од страна на грчките власти, за само неколку часа подоцна бродот да потоне.

 

Поврзани новости