Српскиот продуцент и композитор Александар Фута Радуловиќ, сопруг на Марина Туцаковиќ, денеска сведочеше на судењето за случајот “Рекет”. Тој беше повикан од обвинетиот Бојан Јовановски.
Сведокот раскажа дека со Јовановски се познаваат веќе 12-13 години. Појасни дека нивната дружба почнала професионално, а потоа станале пријатели, па Јовановски и неговото семејство биле чести гости во неговиот дом.
На прашањето на адвокатот Сашко Дуковски дали некогаш му дал пари на Боки 13, сведокот одговори потврдно.
-Пред неколку години ми објасни дека отвара телевизија. Мене ми беше интересно, зошто сакавме да го прошириме нашиот музички опус. Затоа бевме согласни да бидеме кофинансиери на телевизијата. Во период од две години одвојувавме некои финансиски средства за да му помогнеме при набавката на опремата и развојот, рече сведокот.
Адвокатот Дуковски го праша и дали освен професионално, и приватно му давал пари, тој рече дека му давал кога имал потреба.
-Бидејќи Бојан е на години на нашиот помлад син, се дружевме, сме оделе на слави, родендени, одмори. Тоа е пријателство кое трае со години и ќе трае и понатаму, рече сведокот.
Тој појасни дека со Боки 13 се виделе во февруари 2019 година.
-На вечерата во мојот дом беше моето семејство и Бојан со неговата мајка Јасмина, нејзината кума и возачот Тони. Тогаш зборувавме за скапите лекарства кои и беа потребни на мојата сопруга од странство, и гардероба, за што имаа исти интерес со Бојан. Таа поради болеста ослаби многу и мораше да набави нова гардероба, а бидејќи по тоа прашање се сродни души, требаше да ја купи Бојан. Тој требаше да оди во Милано и требаше да ја направи набавката, рече Радуловиќ.
Тој појасни дека лековите биле резервирани, и тоа за подолг период за едно шест-седум месеци.
-Ние му дадовме пари на Бојан поголема сума, бидејќи лековите се скапи. Само лекарствата чинеа по 12.000 евра за месец, а нарачавме за седум месеци, а и гардеробата чини многу, рече сведокот, кој прецизираше дека на Јовановски му дал 150.000 евра.
Одговорот на сведокот му дава алиби на Јовановски за дел од потрошените 148.000 евра на шопинг во Милано, а за кои обвинителката Вилма Русковска презентираше фискални сметки.
Обвинителката Вилма Русковска го праша сведокот дали има материјален доказ дека му давале пари на Јовановски, на што одговори дека дале писмена изјава дека му дале пари на Бојан, на што обвителката заклучи дека сепак немал доказ дека му давале пари за телевизијата.
Иако судијката Васка Масевска Николовска на почетокот на рочиштето ги предупреди присутните да не прават шоу во судница, и да го почитуваат редот, сепак јавноста се “забавуваше” со преводот на сведочењето на сведокот, кој зборуваше на српски јазик.
Иако во судница имаше преведувач, адвокатот Дуковски, на моменти зборуваше на српски, незадоволен од преведувачот, на што забележа обвинителката Вилма Русковска, која рече дека е недозволено адвокат да зборува на друг јазик, што предизвика смеење кај присутната јавност.
На преводот реагираше и судијката Николовска-Масевска, а преведувачката се налути и забележа на односот на судијката.
В.В.