Се продаваат два стана во Охрид, земјиште кај Морани, плац на Кожуф, сите запленети од поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. По продажбата на акциите, Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас и за продажба на дел од неговиот недвижен имот којшто му беше запленет во случајот „Империја“.
Се продаваат два стана во Охрид, едниот од 46 (+19 помошни простории) метри квадратни со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234,38 милиони денари, а другиот од 58 (+ 56 ПП) метри квадратни во истата зграда, проценет на 9.032.505 денари.
Се продава и земјиште од 56.818,07 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани крај Скопје со почетна вредност од 17.045.421 денари.
Се продава и плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни, проценет на 29.686, 97 денари.
Јавното електронско наддавање е закажано за 25 август.
И по повеќе од една година откако Мијалков призна вина за предметот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството, имотот што му го конфискуваше државата во вредност од 15 милиони евра се уште не е продаден.
На списокот од 33 имотни листови чија вкупна вредност е 15 милиони евра, а во кои е впишана сопственоста на име на Агенција за конфискација на имот е и шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни.
Потоа земјиште во место Џибарица на Кожув и илјадници метри квадратни земјоделско земјиште во близина на Богданци. Една од парцелите во близина на Богданци е и предмет на експропријација, затоа што таму бил превиден пат.
Одземени му се на Мијалков два стана од 46 и 58 квадрати на адреса Горица во Охрид. Потоа му е е одземен имот под зграда во Охрид со површина од 2 740 м2 од хотел во Охрид, сето тоа во вредност од 360 илјади евра. Мијалков остана и без два апартмани во Панорама Резиденс во Скопје од 91 и 94 метри квадратни.
Тој остана и без градежно земјиште и апартмани во Центар. Станува збор за неколку парцели и 25 апартмани во две згради, гаражи, деловни простори адреса Славејко Арсов на Водно, сето тоа во вредност од 3,5 милиони евра. Податоците од Катастар покажуваат дека првата зграда на адреса Салвејко Арсов 138 имала намена мотел или хостел, додека втората на број 148 е изградена како хотел.
Со продажбата на имотот треба парите да се вратат во државниот буџет.