Независната кандидатка за градоначалник, Данела Арсовска којашто е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, денеска се возеше со градски автобус и најави дека Скопје ќе добие бесплатен јавен превоз и еко автобуси.
-Во 30 минутното возење низ Скопје можевме да приметиме дека непријатно е возењето посебно кога станува збор за дупките по улиците и неизбалансираните шахти, поради кои се оштетуваат возилата, што ќе биде како проблем решено во првите 82 дена од мојот мандат. Неопходно е Скопје да добие бесплатен јавен превоз и нови еко автобуси. Тоа е најбрзото и најсигурно решение за јавниот превоз во Скопје за разлика од БРТ проектот кој значи дополнителни инфраструктурни проекти и со тоа реализацијата ќе трае со години. Не ни треба решение за само дел од Скопје, бидејќи решенијата мора да се однесуваат на сите делови на Скопје, рече Арсовска.
Таа најави набавка на 250 нови еколошки автобуси, наместо БРТ превоз којшто го презентираше актуелниот градоначалник, Петре Шилегов.
-Скопјани не бараат половични решенија само за дел од Скопје. Решенијата мора да се однесуваат на сите населени места и за сите граѓани подеднакво. Скопје мора да биде град за сите и Скопје како град мора да ги решава проблемите на сите скопјани. Ќе набавиме 250 нови еколошки автобуси, со нов возен ред каде автобусите ќе сообраќаат во точни куси временски интервали. Тоа ќе значи помала гужва во автобусите, а истовремено ќе се воведат и ноќни линии. За овие решенија не требаат месеци или години, меѓутоа кај нас дури и за наједноставните работи се чека со години.
Верувам дека со брзи, едноставни и сигурни решенија, ќе овозможиме за Скопје и скопјани да имаме брз, безбеден, ефикасен и бесплатен јавен превоз, додаде Арсовска.