Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, вели дека ДУИ и СДСМ не успеваат да се договорат дали партијата Самоопределување и нејзиниот претседател, Албин Курти се важни за политиката во Македонија. Гаши вели дека за Али Ахмети, Курти е добар само кога е во интерес на ДУИ.
-Навистина е конфузно. Изгледа имаат проблем со ДУИ, не можат да се договорат. На Али Ахмети му пречи Албин Курти. СДСМ има потреба од Албин Курти и Самоопределување. Мислам дека треба да ги разјаснат овие дилеми – која е улогата на Самоопределување во Македонија, позитивна или негативна. Кога ќе ги разјаснат овие дилеми, мислам дека треба да излезат во јавноста – вели Гаши.
Според Гаши, ниту лидерите од Тирана, ниту пак од Приштина, никогаш не се мешаат во тоа какви одлуки треба да донесат политичките партии во Македонија, особено сега кога Алијанса за Албанците треба да донесе важна одлука.
Инаку, во Приштина се одржа средба меѓу генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, и организацискиот секретар на Самоопределување, Алим Рама.
Не се откриваат детали дали на средбата што се одржа Приштина станало збор за актуелните политички случувања во Македонија. Единствено информираа дека претставниците разговарале за соработката меѓу двете партии како заеднички членки на социјалдемократската платформа.