Светските медиуми објавија дека вчера на 92-годишна возраст починал австрискиот милијардер Ричард Лугнер, богаташ познат по својот екстравагантен стил и фактот дека бил женет шестпати.
Последен пат го кажа судбоносното „да“ пред само два месеци. Тој почина во својата вила во Виена, а наводно имал бројни здравствени проблеми и пред неколку месеци бил опериран.
Пред два месеци Лугнер се ожени по шести пат. Неговиот последен избор, актерката Симоне „Биенхен“ Рајландер е 49 години помлада од него. Неговите претходни бракови и врски беа главно со помлади жени. Со Симоне се сврши во 2021 година, а два месеци подоцна ја раскинаа свршувачката, но во меѓувреме се смирија.
– Ќе ми биде шеста свадба, но на неа гледам само како на трета. Но, тоа сигурно ќе биде мојот последен брак – изјави претходно Лугнер.
Но, првите проблеми се појавија брзо бидејќи, како што пренесоа странските медиуми, Лугнер одлучил Симоне да ја наследи неговата деловна империја.
Ова не и се допаднало на неговата ќерка Жаклин која мислеше дека ќе биде наследничка.
Како што пишуваше тогаш „ОЕ24“, Симоне треба да добие и дел од наследството на Лугнер, што исто така не им се допаѓа на членовите на семејството.
Пред Симоне, богаташот се женел петпати.
Лугнер беше во брак со Кристин Гмајнер од 1961 до 1978 година и заедно имаат два сина, Александар (61) и Андреас (58).
– Таа беше мојата прва голема љубов. Таа беше првата жена во мојот живот и тогаш двајцата се венчавме. Имаме добри односи и денес. Раскинавме затоа што сакав да пробам нешто ново – изјави тогаш Лугнер.
Од 1979 до 1983 година бил со Корнелија Лауферсвејлер. Секој ден испраќал голем букет цвеќе во нејзината канцеларија.
Тој брак, според Лугнер, на крајот не бил многу среќен.
Неговата трета сопруга, со која, како што тврди Лугнер, сè функционирало во бракот, била Сузане Дитрих. Таа почина на само 34 години по естетска операција на носот.
Со Кристин Лугнер тој беше во брак од 1991 до 2007 година и имаат ќерка која денес има 30 години.
Лугнер не сакаше да зборува за последната сопруга Кети.
– Ако кажам нешто, таа веднаш ме тужи – тврдеше тој.