Фолк пејачот Перо Христов синоќа на манифестацијата Златна бубамара на популарноста доби награда за животно дело.
Ова е негова втора награда за животно дело во рок од четири месеци, откако лани во ноември беше награден со истото признание и на фестивалот за новокомпонирани македонски народни песни ,,Прилеп Фест”.
Тогаш за ,,Фокус” раскажа дека наградата многу му значи, посебно бидејќи ја добил на свои 73 години, бидејќи бил пред крајот на неговата кариера. Исто така, реагираше дека е поразително што кај нас во локалите, се свирело се, освен македонска музика.
-Ако вака се продолжи, ќе нема со што да се пофалиме пред светот, бидејќи имаме најубава музика која е призната насекаде. Тажно е и за пејачите кои се ситни ѕвезди во соседството, а овде црпат одлични суми на евра!
Жалосно е ако една Теа Таировиќ, Карлеуша, Грашо, Аца Лукас, Беквалац и многу други се главни носители на музичките настапи во клубовите и кафулињата. Одиме се поназад и поназад, во заборав, раскажа Христов.
Тој зад себе има 55-годишен естраден стаж. Пред три месеци во Струмица со голем концерт одбележа јубилеј, 55 години на сцената, за кој кажа дека е негов начин да и се оддолжи на својата публика.
Вики Клинчарова