Претседателот на Русија и на САД, Владимир Путин и Џо Бајден на 7 декември ќе имаат виртуелна средба, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека „претседателите сами ќе одлучат” колку ќе трае разговорот.
Вашингтон пост повикувајќи се на разузнавачки информации денеска објави дека Русија на почетокот од идната година планира офанзива врз Украина, во која би учествувале 175.000 војници.
– САД спроведуваат специјална операција за влошување на ситуацијата поврзана со Украина и ја префрлаат одговорноста на Русија, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
САД, нивните сојузници во НАТО и Украина ја обвинуваат Москва за распоредување на безбедносни сили во близина на границата со Украина, а Киев стравува дека Русија планира напад.
Москва ги отфрла тие тврдења и го обвини Киев дека исто така распоредува сили за да ја нападне територија контролирана од проруските сепаратисти. Русија нагласува дека има право да распореди војници на своја територија и дека тоа не претставува закана.
Бајден вчера изјави дека работи на „сеопфатна иницијатива”, која би му отежнала на Путин да ја нападне Украина.
– Она на што работам сега е да формирам најсеопфатен и најзначаен збир на иницијативи за да му биде многу, многу тешко на господинот Путин да го постигне она од што луѓето се плашат, истакна Бајден.
Украинските власти тврдат дека Русија би можела да ја нападне Украина следниот месец. Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников наведе дека бројот на руски војници во близина на Украина и Крим се проценува на 94.300 и предупреди дека е можна „голема ескалација” во јануари.