Македонскиот Том Џонс, односно поп музичарот Ѓоко Ѓорчев, кој го носи овој епитет поради бојата на гласот, во својата 67-ма година активно им се врати на настапите во живо во локали во земјава, а интересот на публиката желна за старите популарни евергрини кои се на неговиот репертоар е изненадувачка.
Заедно со Катерина Брезева, која настапува со сопругот Трајче како ,,Соната”, Ѓорчев веќе одржа неколку настапи во познат локал во неговиот роден град Неготино.
Локалот при секое нивно гостување беше исполнет до последното столче, и оваа музичка тројка успева да направи неверојатна атмосфера. Сите гости пеат заедно со нив, ретко кој останува да седи, се танцува и се аплаудира.
На репертоарот им се застапени хитовите на Ѓорчев, но и евергрини од поранешните Ју републики, како и хитови од Евровизија од деведесеттите години на минатиот век. Ги изведуваат во свој, препознатлив стил, и приредуваат вистинско шоу за публиката.
Нивниот нареден заеднички настап во локал во Неготино, кој е закажан за седми март, уште пред неколку дена е распродаден, а во меѓувреме Ѓорчев настапува и со Благица Николова и Цаци, односно Сашо Ѓорѓиев од поранешната група ,,Нели ти реков”.
Репертоарот со внимателно одбрани квалитетни песни, но и позитивните реакции на гостите, се доволен показател дека сепак, во Македонија може да се има добра забава и без турбо фолк и шунд музика.
Љубителите на добрите звуци тоа го покажуваат со големиот интерес за настапите на Ѓорчев, кој за ,,Фокус” вели дека е среќен што повторно е на сцената, и од својата публика ја црпи енергијата.
-Ѓорчев е неверојатно квалитетен вокал и знаевме дека заедничките настапи ќе бидат одлично доживување. Но, искрено, не ја очекувавме оваа енергија на која сме сведоци. Целиот локал е на нозе, на колеги кои се двојно помлади им е потребен огромен труд и харизма за да го направат ова кое тој го прави со таква леснотија. Ја остава душата на сцена – вели Кате Соната.
На нивниот последен настап во неготински локал, покрај гостите од градот, во публиката имаше и луѓе од Велес, Скопје, Кавадарци… од сите генерации.
Амбиентот ги врати повозрасните во изминатите години, односно кон крајот на деведесеттите, кога Ѓорчев беше еден од најзастапените музичари на сцената, но и кога во локалите се пееа квалитетни рефрени од докажани автори.
Вики Клинчарова