Пресудата за случајот „Софтвери“ каде првообвинет е екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски ќе биде објавена на 6-ти идниот месец.
Денеска во Основниот кривичен суд – Скопје завршни зборови даваа обвинетите Ирена Ивановска и Маја Силјановска
Адвокатот кој говореше во нивно име бараше од судиите да се оттргнат од притисокот на Обвинителството, како и со непристрасност, независност и самостојност во одлучувањето, со тоа што, како што кажа, за двете обвинети за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, ќе донесат ослободителна пресуда.
Според обвинението, првообвинетиот, Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, а лицата Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.