На 56 отсто од Американците не им паѓа на памет да гласаат за Трамп на следните избори

by fokus

Најновото истражување на јавното мислење на телевизијата Еј-Би-Си и весникот Вашингтон Пост покажува дека Доналд Трамп има мали шанси да биде реизбран на претседателските избори во 2020 година, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Според  анкетата 56 отсто од испитаниците, речиси шестмина од десет луѓе, се изјасниле дека воопшто не им паѓа на памет да ја разгледаат опцијата во 2020 година да гласаат за Трамп. Помалку од тројца од 10 луѓе или 28 отсто, се изјасниле дека „дефинитивно“ ќе гласаат за Трамп.

Од друга страна, сегашниот претседател, кој е на половина од својот мандат, нема едногласна поддршка и од републиканците. Една третина од испитаните републиканци не би сакале Трамп да биде номиниран за претседател на изборите во 2020 година, додека две третини, или 62 отсто, се изјаснале дека Трамп треба да добие номинација за претседател.

Демократски настроените Американци се уште немаат дефинитивна одлука за кога да гласаат бидејќи сцената на кандидати се уште се пополнува. Камала Харис, која објави своја номинација и викендов ја започна кампањата во сојузната држава Ајова, доби поддршка од осум отсто. Поранешниот потпретседател Џо Бајден има поддршка од девет проценти, додека за сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, би гласале четири отсто од испитаниците.

Поради блокадата на федералната Влада, рејтингот на Трамп е на многу ниско ниво од околу 39 отсто.

Поврзани новости