На 5 мај ќе стартува судењето за аферата со пасоши „Двојник“, односно за тогаш е закажано првото рочиште во Кривичниот суд кога на обвинителна клупа ќе треба да седна 11 обвинети.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ појаснуваат дека предметот ќе го суди судијката Оља Ристова.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција неодамна поднесе обвинителен предлог против 11-мината вмешани во скандалот со издавањето на македонски пасоши кој опозицијата го нарече „Мафија“, а Министерството за внатрешни работи „Двојник“. Обвинителниот предлог е поднесен против вработените во Управните служби на МВР, каде се издаваат пасошите и против Раиф Мифтари кој посредувал меѓу службениците и лицата кои ги купувале пасошите, а имале дебело криминално досие.
Мифтари успеа да избега, шестмина од обвинетите се во притвор во Шутка, а на тројца им се одредени мерки за претпазливост. Еден од обвинетите пак бил веќе во притвор за малверзации за издавање на возачки дозволи. На обвинетите првично им беше одреден осумдневен притвор, а по поднесувањето на обвинителниот предлог, на сите им е определен триесетдневен притвор.
Предметот се води по скратена постапка, а максималната казна која може да им се изрече на обвинетите е од шест месеци до три години затвор. Поточно, обвинителството ги гони уапсените за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
–Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години, стои во став 1 од членот 353 од Кривичниот законик.
В.В.