Виктор Барбутов, вокалистот на „Амајлија бенд“ починал утринава на 43-годишна возраст, откако синоќа му се слошило. Естрадата денес се збогува со него, во неверување од лошата вест која ги дочекала утрово.
-Не можеме да се совеземеме. Над дваесет години бевме заедно, делевме и добро и лошо. Ги остави зад себе малата ќеркичка и сопругата, претешко е за сите. Долги години бевме заедно во бендот, имавме многу настапи во локали, на свадби. Никогаш не се жалел на здравствени проблеми, беше млад човек кој водеше редовен живот, не пушеше, не пиеше, се грижеше за здравјето. Токму поради тоа, шокот е уште поголем за сите нас – вели неговиот колега од бендот, Мики Ѓорѓиевски.
Виктор во минатото беше дел од групата „Фантазија“ со која го сними хитот „Земја пресвета“. Неофицијално, починал од мозочен удар. Како што раскажаа негови колеги, најпрвин се пожалил на болки во вратот, а потоа и во главата.
-Беше полн со живот, иднината беше пред него. Добар човек, наш колега кој многу ја сакаше песната и кој остави убави спомени на естрадата – ни изјавија музичари во неверување од лошата вест.