На 4 септември во 10 часот во судница 1 во Кривичниот суд почнува судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, соопштија од Кривичниот суд откако Обвинителството ја заврши истргата за првосомничениот Љупчо Палевски Палчо и останатите обвинети и побара спојување на двете постапки.
-Како што претходно информиравме, расправата која требаше да се одржи денеска е отповикана по предлог за одлагање од Основното јавно обвинителство кои го известија судот дека: Имајќи предвид дека истрагата против осомничениот Љ.П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки, соопштуваат од Судот.
Засега неизвесно е дали во судницата на 4 септември ќе биде донесен Палчо, бидејќи Обвинителството се уште нема поднесено обвинение против него, кое судот треба да го оцени. Теоретски има можност да се завршат сите потребни работи за на 4 септември да се спои постапката и судењето да почне и за Палчо, но се зависи кога Обвинителството ќе го поднесе обвинението против него.
За грозоморните убиства ќе им се суди на Палчо и неговите помагачи, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Според обвинителството, мотивот за убиството се пари.
-Како соизвршители, заедно со уште едно осомничено лице за кое истрагата за исти кривични дела е во тек, испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп, велат од Обвинителството.
Оттаму неодамна посочија детали за случајот, кои до поднесување на обвинението беа непознат за јавноста.
-На 22.11.2023, заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило “Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.
Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете.
Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда.
Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка.
Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот “Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите.
Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, појаснија од обвинителството.