Шест натпреварувачки во женска и девет во машка конкуренција утре ќе го пливаат 36. Охридски пливачки маратон од Свети Наум до Охрид, кој се одржува во организација на Општина Охрид и Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“.
На патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри оваа година, покрај домашните пливачи, ќе запливаат и пливачи од Франција, Холандија, Италија, Аргентина и Турција.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на синоќешното претставување на маратонците посочи дека Охридскиот пливачки маратон е вистинска гордост за локалната заедница и државата бидејќи го промовира Охрид како одлична локација за спортски настани и привлекува пливачи од целиот свет.
Организаторите на маратонот традиционално ја доделија спортската награда „Климе Савин“ , која годинава му припадна на пливачката легенда Томи Стефановски, а признанија им беа доделени на „Костал“, „ЈК Травел“ и на спортскиот коментатор во пензија Атанас Костовски.
Охридскиот пливачки маратон ќе се плива утре ќе стартува кај Свети Наум, а целта на Градскиот кеј. Наградниот фонд изнесува 12 илјади евра.