Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија одбележува 33 години од формирањето, кога беше основан врз уверувањето дека секој граѓанин заслужува право на глас, подобар животен стандард и достоинствен живот, со посветеност за градење поправеден свет и функционална држава, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевкси во видео обраќање по повод роденденот на СДСМ.
– Низ годините, СДСМ се соочи со многу предизвици, бури и трурбуленции, но никогаш не се повлече, ниту застана. Работеше цврсто за социјалдемократските вредности, за еднаквост, солидарност и социјална правда за секој граѓанин на Македонија, неуморно се бореше за унапредување на правата на работниците, заштитување на државата за идните генерации и градење општество каде секој има еднаква можност да напредува – посочува Ковачевски.
Лидерот на партијата истакнува дека најголемата сила на СДСМ лежи во солидарноста.
– Рамо до рамо, наспроти поделеноста и раздорот, да застане заедно како една, единствена, државотворна, победничка партија, обединета во заедничките вредности и заедничката кауза. Конечно да ја одведеме Македонија онаму каде што треба и заслужува да биде, во големото Европско семејство, за подобро утре, подобра иднина за сите граѓани и за нашето најголемо богатство – нашата младина и идните генерации.
На 33 роденден стигнавме до овде, сега нема откажување од европската иднина – истакнува Ковачевски.