Не се работи за Заев или за Мицковски, туку за вас лично. Не дали сте за САД или Русија туку колку сте заинтересирани за сопствениот живот и оној на блиските. Не да навивате, туку да се определите. За вас и вашата иднина.
Пишува: Ида Протугер Вељковиќ
Граѓаните да го следат срцето, е пораката на лидерот на опозицијата Мицковски кој ниту на последното интервју за Телма не понуди никаков аргумент ниту соопшти алтернатива за договорот со Грција кој според него е штетен.
Се прашувам, дали кога носи важи одлуки во животот, на пример, кога зема кредит за нов дом во банка, би го следел срцето ако му побара палата од милион евра која би немал можност да си ја дозволи да ја отплаќа, или размислува одговорно и рационално како возрасен човек и во тие рамки се задолжува?
Секако дека срцето, односно емоциите имаат голема улога во нашиот живот, поведението, изборите и слично, но сите возрасни луѓе кога носат важни одлуки, кои им го определуваат квалитетот на животот, умеат да го надминат емотивното размислување и да донесат рационални и одговорни одлуки. Како зрели поединци.
Второ, се прашувам дали е тоа истата партија ВМРО-ДПМНЕ која изигра исто толку подмолна игра поткопувајќи ги македонските позиции во преговорите за името кога го издигна споменикот на Александар Македонски на плоштадот и кукавички го нарече Воин на коњ?
Од една страна сакаше да создаде привид на конструктивност кон меѓународната заедница, која и тогаш мака мачеше да ни помогне да се интегрираме и не советуваше да не провоцираме, а од друга, да ја реализира својата незрела желба за некаков детски пркос и присвојување на историјата.
Сега историјата се повторува со референдумот каде истото ДПМНЕ перфидно отворено не повикува на бојкот, но всушност го форсира на голема врата. И повторно граѓаните ги смета за деца.
Дури и на еден од пропагандните фотографии на “бојкотирам”, кои се вртат по социјалните мрежи, Македонија е претставена како мајка која со многу ножови во грбот му се обраќа на граѓанинот во лик на дете, да не се грижи, дека таа ќе издржи и преживее. Оваа порака самата за себе зборува колку опонентите на договорот не ги гледаат граѓаните како возрасни индивидуи кои треба да донесат зрела одлука, туку деца кои не треба да мислат со своја глава, туку треба да се улулкаат да им помине стравот.
Стравот е сосема природно чувство што се јавува при новонастаната ситуација и промени во животот на поединецот. Одговорноста на политичките лидери, медиумите и невладиниот сектор е да овозможат тоа што е ново и непознато да се анализира и расчлени на факти и информации кои на граѓаните ќе им помогнат да ја разберат новонастаната ситуација. Одговорноста, пак, на граѓаните во вакви ситуации е да донесат информирана одлука која ќе базира на факти и информации, а не на лажни пророштва и емоции.
„ЕГЗИТ ОД БРЕГЗИТ”
Брегзит е одличен пример кој во пракса ни покажа дека стравот од непознато кој е легитимен, во комбинација со лошото познавање на фактите и неинформираноста, може да пресудат на иднината на една земја бидејќи она со кое Британија се занимава деновиве е да направат некаков “егзит од Брегзит”.
Постреферендумските анализи покажаа дека на “разводот” на Британија од ЕУ му “кумувале” и пресудиле постарите и помалку информирани граѓани кои биле повеќе подложни на манипулација и кои поверувале на квази-информации.
За разлика од Британците, македонските граѓани тешко ќе можат да си го дозволат луксузот на покајување, бидејќи Македонија ја нема големината на Британија, ниту моќта на тамошната економија за да си дозволи такви екскурзии.
Всушност, една од најопасните замки во финишот на референдумот во која граѓаните може да западнат е да помислат дека тие се небитни и не може ништо да сменат, или уште пострашно, дека се исправени пред некакво навивање или приклонување кон една или друга политичка партија. Наместо да навиваат, тие навистина сега треба да се определат, но никако партиски, туку за тоа каква иднина и визија имаат за сопствената држава.
Оттука, без оглед на одлуката како ќе се гласа или постапи на 30 септември, битно е таа да е информирана. Граѓаните да се информираат што значи Договорот, колку тој реално би им донел штетни последици по квалитетот на живот, а колку придобивки.
Да ја знаат нашата економска интегрираност со ЕУ сега во овој момент, како што е фактот дека две третини од нашата трговска размена е со таа заедница. Дека она што самите граѓани го посакуваат како повисок квалитет на живот, чист воздух, здрава храна, добро образование и модерно здравство не е можно ако не сме интегрирани.
БУЏЕТОТ Е ПРЕМАЛ
Јавен еколошки транспорт кој нема да го загадува воздухот како сегашниот, квалитетно железничко поврзување со останатите земји, автопати, хидроцентрали, регулативи за поздрава и квалитетна храна, намалување на емисија на штетни гасови, модерни училишта и болници каде нема да се гази човековото достоинство се инвестиции кои ние како мала и сиромашна држава едноставно не можеме да ги покриеме со парите на домашните даночни обврзници.
Уште посериозна последица е што домашниот буџет, во изолирана економија нема да може да се полни според потребите бидејќи компаниите има големи шанси да останат на ниво на мали семејни бизниси (според Државниот завод за статистика, 79,3 отсто од македонските компании имаат помеѓу еден и девет вработени) кои нема да се развиваат туку ќе преживуваат.
Без интеграција, европски фондови, поефтини кредити од меѓународните кредитори, Македонија едноставно нема да мрдне од сегашната точка, туку напротив, започнатиот процес на деградација на општеството ќе продолжи.
Ќе продолжат и лошите практики на вработување партиски кадри, како и егзодусот на граѓаните кои во потрага по поквалитетен живот ќе бегаат во цивилизираниот свет. А имале можност од Македонија да направат таков.
Добрите практики и регулативи кои треба да ги обезбедат еднаквите права на граѓаните и да го зауздаат однесувањето на политичарите на власт ќе се воведуваат единствено ако сме во процес на приближување кон ЕУ или целосно интегрирани.
Така што граѓаните, а не политичките лидери имаат корист од нашата интеграција во ЕУ и НАТО, која е можна единствено ако го прифатиме компромисот со Република Грција. Не како уцена, туку како договор на два соседа кои имале спор и треба да го решат како возрасни луѓе, со отстапки на двете страни.
Плашењето на граѓаните со апокалиптични сценарија дека ќе не нема е лага, бидејќи сме опстојале под имиња на други држави со векови. Но дали ќе живееме поквалитетно или ќе се осудиме на изолација, е прашањето за чиј одговор граѓаните носат одговорност.
Оттука, спротивно на Мицковски, јас би апелирала граѓаните да се повикаат да гласаат одоговорно и зрело, како возрасни луѓе, кои имаат визија за иднината на земјата. Ако таа визија не ги вклучува ЕУ и НАТО, да имаат реална алтернатива.
Не се работи за Заев или за Мицковски, туку за вас лично. Не дали сте за САД или Русија туку колку сте заинтересирани за сопствениот живот и оној на блиските. Не да навивате, туку да се определите. За вас и вашата иднина.