Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, го претстави долгоочекуваниот план за постепено укинување на рестриктивните мерки изречени минатиот месец за спречување на ширењето на корона вирусот.
Како што пренесе „Катимерини“, во телевизиски говор Мицотакис им се заблагодари на Грците што се придржуваат кон ограничувањата. Тој истакна дека земјата станала пример за целиот свет. Сепак, како што посочи Мицотакис, социјалното дистанцирање и употребата на маски мора да останат навика за граѓаните во периодот што претстои.
Првата фаза на планот за ублажување на мерките во Грција е предвидена да почне в понеделник кога ќе се отворат малите продавници, книжарниците и фризерските салони.
Исто така, од 4 мај граѓаните повеќе нема да треба да испраќаат СМС-порака или да носат документ во кој се наведува нивната причина за напуштање на својот дом, но забраната за напуштање на регионот каде што живеат ќе остане во сила.
Кафулињата и рестораните ќе се отворат од 1 јуни, но само со седење на отворено, како и трговските центри, хотелите, театрите, кината и фитнес-клубовите.
Од 4 мај црквите ќе бидат отворени за индивидуална молитва, но со ограничувања на бројот на верници во објектот.
Што се однесува до училиштата, тие ќе се отвораат постепено почнувајќи од 11 мај.