На 1 ноември премиера на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски

by Fokus

Шестиот игран филм „Врба“ на Милчо Манчевски ќе има македонска премиера на 1 ноември, откако ја имаше светската на 19 октомври на Филмскиот фестивал во Рим.

Официјалната премиера за домашната публика в петок ќе биде во салата на Филхармонијата од 20.30 часот, а во исто време премиери ќе има и во кината „Милениум“ и „Синеплекс“ во Скопје, како и во Битола, Охрид и Штип, со што ќе почне и редовното киноприкажување на филмот. Од 4 ноември и во Прилеп, а се организира и за другите градови во земјава.

Режисерот Милчо Манчевски и дел од екипата на филмот се задоволни од реакциите на публиката и критиката во Рим, каде што беше прикажан во официјалната селекција, заедно со новите остварувања на холивудски ѕвезди.

„Јас ова веќе доволно долго го правам за да знам кога нешто што ќе направам е стварно добро и кога не е. Ова е од тие што се стварно добри. Сѐ во процесот убаво се налепи и самиот процес беше прекрасен, првпат во моето искуство по многу години“, рече Манчевски.

„Врба“ е македонско-унгарско-белгиска копродукција во која учествува и Албанија. Се снимаше лани два месеца (октомври и ноември) во Мариово, Преспа, Трескавец и во Скопје. Филм е а лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната се случува во 17 век, а другите две се современи. Приказните се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга.

„Секој филм создава свој универзум, свој свет. Мислам дека гледачот го сака филмот ако успее да влезе во тој свет и ако некаде го однесе. Тој свет може да биде реалистичен и денешен, како што е дел од филмот, а може да биде средновековен или од друго минато време. Интересно е да откриваш колку биле различни, а исти луѓето од тоа време и колку тоа што ние го знаеме како историја е, всушност, некоја романтизирана фикција. Тоа е една од убавите придобивки во правењето ваков филм, рече Манчевски, кој меѓу другото, соопшти и дека за „Врба“ го истражувале и консултирале повеќе проучувачи на средниот век.

Куриозитет на филмот е што има машка (динамична) и женска (подлабока) верзија и на публиката ќе и бидат понудени двете. – Во суштина, 95 отсто се исти.  Двете функционираат на свој особен начин, иако не се разликуваат многу. Решивме од петок, кога ќе почне редовното прикажување на филмот, да ги пуштиме двете верзии. Машката верзија ќе се прикажува во „Милениум“, женската во „Синеплекс“, рече Манчевски, не откривајќи која од двете ќе биде на официјалната премиера во Филхармонијата.

Продуцентот Јане Ќортошев соопшти дека веќе има покани за фестивали кои не ги откри, во преговори се и со партнери за продажба кои ќе обезбедат дистрибуција и понатамошен живот на филмот.

За  впечатоците од светската премиера во Рим на прес-конференција зборуваа и младите актерки во филмот Наталија Теодосиева и Сара Климоска.

„Добивме многу позитивни коментари за целиот филм, а и за нашиот актерски израз. Ова ќе биде моја водилка за понатаму, а искуството на настанот во Рим ќе биде голем предизвик и лекција за мојата актерска иднина. Имавме мали обврски, стресови и трема, но сите уживавме таму, на црвениот тепих, на премиерната проекција и заслужено блескавме“, рече Теодосиева.

Климоска додаде дека присуството во Рим било возбудливо, но и голем притисок во исто време, поради силната конкуренција и високите критериуми на фестивалската публика.

„Првите 15 секунди беше тишина, но за мене беа тоа 15 дена. Следуваше аплаузот и тогаш сфатив дека публиката е многу задоволна и бев горда на целата наша екипа. Кога заврши сето тоа, размислував за таа пауза и сфатив дека таа е најдрагоцена за мене зашто во таа длабока и тешка тишина публиката се соземаше од емоцијата што филмот ѝ ја даде“, истакна Климоска.

Пред домашната публика очекуваат поголема трема зашто овде публиката, како што рекоа, ги познава и си има свои очекувања.

„Немам некои големи очекувања и мислам дека е така подобро. Едноставно, сакам сѐ да тече и што ќе донесе времето, нека донесе. Отворена сум за критики и за нови предизвици“, додаде Теодосиева.

Во филмот играат и младите Никола Ристовски и Ненад Нацев кои се нивни партнери во двете приказни (современата и средновековната). Покрај нив во актерската екипа се и: Петар Мирчевски, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ.

Поврзани новости