Екипата на МЗТ Скопје доживеа нов пораз пред своите навивачи во АБА Лигата, овојпат во 21. коло од Цедевита со 64:85 (13:15, 18:26, 17:16, 16:28).
Домашниот тим само во првата четвртина успеа да им се спротистави на гостите од Хрватска, но веќе пред полувремето Цедевита се стекна со двоцифрена предност. Во второто полувреме гостите само рутински го одржуваа водството до конечен триумф.
Најефикасни во составот на „Металците“ беа Спасојевиќ со 13 поени, Лалиќ со 12 поени дополнети и со 6 скока, Соколов запиша 11 поени, а Дамјан Стојановски 10 поени. Во победничкиот тим предводеше Чери со 20 поени, а Укиќ мечот го заврши со 15 постигнати поени.
Македонскиот шампион и по овој пораз остана на последната позиција во АБА лигата со само три победи и 18 порази. Цедевита, пак, по триумфот се израмни на второто место со Будуќност со по 16 победи. Лидер е Црвена Звезда со 17 победи и 3 порази.
Последниот меч во АБА-лигата сезонава, кошаркарите на МЗТ Скопје ќе го одиграат следната недела и тоа на гостински терен кај Морнар.
Извор: МИА