МЗШВ: Со нашето искуство ќе помогнеме Азербејџан успешно да го реализира процесот на консолидација

by Fokus

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со претставници на министерството и претставници на ФАО, денеска пред делегацијата на Република Азербејџан ги презентираа позитивните искуства на нашата држава во спроведувањето на процесот за консолидација на земјоделското земјиште.

Високата делегација на Република Азербејџан предводена од Шахмар Мовсумов, помошник на претседателот на Република Азербејџан и раководител на Одделот за економски прашања и иновативна развојна политика на Претседателската администрација и министерот за земјоделство на Република Азербејџан, Мајнун Мамедов од денеска е во официјална посета на Северна Македонија со цел споделување на нашето позитивно искуство и директно запознавање со поволностите во земјоделството од процесот на консолидација.

„Република Северна Македонија е земја лидер во реализирањето на процесот за консолидација, проект кој е започнат уште во 2017 година кога заедно со поддршка на Европската Унија и ФАО започна спроведувањето на проектот МАИНЛАНД во вредност од 2.8 милиони евра.

Проектот МАИНЛАНД успешно го завршивме со висока 99% реализација и консолидирани земјишни парцели во 9 подрачја, односно во Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево.

Со поддршка од нашите партнери Европската Унија и ФАО, започнавме подготовка и на новата Национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година. Новата стратегија ја одразува нашата определба да продолжиме да ја намалуваме расцепканоста на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделските стопанства“ соопштија од министерството.

Министерот Николовски изрази задоволство за честа Северна Македонија да биде пример по кој Азербејџан ќе се води низ процесот на консолидација на земјоделското земјиште.

Поврзани новости