После скоро една година блокада од страна на собраниската комисија за финасирање и буџет, Собранието денес ги донесе измените во предлог Законот за стоковите резерви.
Со законските измени се овозможува оризот да се опфати како производ од исклучително значење за населението во Македонија и се создаваат услови за негово чување како стоковни резерви во вид на оризова арпа.
„Ваквите измени во законот за стоковите резерви следуваат, на иницијатива од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како дел од Националниот план за производство на храна и Националната Стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2021-2027 година, каде е предвидена мерка „Помош за складирање на производи“.
Целта на мерката е стабилизирање на пазарите во услови на пројавени вишоци на пазарот, преку охрабрување на операторите, привремено да ги чуваат своите производи наместо да ги продаваат на пазарот.
Во таа насока МЗШВ, уште во 2022 година, до Владата, достави Информација за засеани површини и остварено производство со оризова арпа во 2021 година и анализа на сегашните состојби со оризопроизводството.
Преку оваа Информација, која Владата ја усвои, предложивме оризот да биде вграден, како значајна култура, во Законот за стокови резерви. Министерството за финасии, пак, беше задолжено да изготви предлог измени во Законот за стоковите резерви.
Предложените измени во Законот до Собранието се доставени уште на почетокот на 2023 година и од тогаш, до денес, од неразбирливи причини, беа блокирани од страна на претседателот на собраниската комисија за финасирање и буџет“ соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.