МЗ: За трите модуларни амбуланти направен е долг од 200.000 евра, приемот го направил Беким Сали

by Fokus

Министерството за здравство соопшти дека лично претходниот министер Беким Сали лично ги одобрил и ги примил модуларните болници во здравствените домови во Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров и дека при тоа ништо не исплатил за нив и сега Министерството за здравство треба да исплати 200.000 евра.

„Лично тој како министер одобрил и ги примил модуларните амбуланти на 23.09.2022, 19.10.2022 и 22.2.2023, со што изведувачот правно требал да ги наплати.  Значи, не министерот Меџити, не Владата или кој било друг, туку Беким Сали одобрил дека амбулантите се примени и треба да се исплатат. Потоа, Сали цели 8 месеци решил дека спротивно на она што го потпишал, да не плаќа и да остави свесно државата да сноси правни и тешки финансиски последици. Како тоа Сали решил да не плаќа за нешто го одобрил и примил и веќе е во употреба? Дали свесно сакал да изнуди нешто за себе или што точно сакал да постигне должи како одговор. Долгот кој во меѓувреме е акумулиран по основ на камати за доцнење е повеќе од 200.000 евра кои ќе треба да ги платат граѓаните!“, соопшти Министерството за здравство.

Во соопштението од Министерството за здравство се вели дека Сали е последниот што смее нешто да каже и дека не треба да манипулира со случајот со модуларните амбуланти.  Од Министерството велат дека Сали крие дека со негов потпис е направен прием на амбулантите.

„Во својот краток мандат, Сали не реши ниту едно од отврените прашања поврзани со амбулантите, не изврши ниту една набавка за лекови навремено заради што страдаат пациентите и не остави ниту едно дело зад себе со кое го унапреди здравството. Oвен тоа со непреземање, се блокирале процеси“, соопшти Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство велат дека министерот Фатмир Меџити по преземањето на функцијата изврши ревизија на сите отворени постапки и долгови кои ги има министерството, меѓу кои долгот за одобрените и примените амбуланти од Сали.

„За овој случај, односно дали воопшто треба да се иницира плаќање, министерството направи писмена консултација со Државно правобранителство. Од таму е добиено писмено мислење дека амбулантите мора да се исплатат по приемот.  По оваа информација, Министерството за здравство достави информација до Влада за наодите и одговорите од Правобранителство, како и предлог како да се надмине спорот, а притоа, да не се исплати побаруваната камата и да се раскине договорот за останатите 7 амбуланти за кои не беше започната градбата“, велат од Министерството за здравство.

Од Министерството го повикаа Сали да каже зошто направил прием на амбулантите, зошто осум месеци не плаќал и не контактирал никого.

Поврзани новости