МЗ: Вкупно 83 отсто од починатите со ковид не биле вакцинирани

by Fokus

Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, велат од Министерството за здравство
Во периодот од 6 август до 14 октомври од 40 208 граѓани што биле позитивни на ковид, дури 30 142, односно 74,9 отсто, не биле вакцинирани, а 25 отсто, односно 10 066, биле целосно вакцинирани, покажува анализата на Министерството за здравство.

-Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани… За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина, велат од Министерството за здравство.

Додаваат дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во истиот период на територија на државата починале 1 382 пациенти со ковид-19, од кои 1 149 односно 83 отсто не биле вакцинирани, а 17 отсто односно 233 примиле вакцина.

-Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас. Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина што ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, додаваат од Министерството за здравство.

Поврзани новости