Во земјава досега се детектирани 30-ина случаи на делта варијанта на ковид-19, која, како што посочуваат од Министерството за здравство, со голема брзина се шири насекаде во светот и во регионот, па многу веројатно е истото да се случи и кај нас. Затоа, како што апелираат, граѓаните треба да се вакцинираат во што поголем број за да се заштитат себеси, своите семејства, колеги.
Здравствените власти потенцираат дека делта сојот на СарсКов2 ја прави вакцинацијата уште поважна и оттука мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.
-Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите себе, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа. Мерките што ќе стапат во сила ги најавуваме, ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу порестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот. Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги, информираат од Министерството.
За разлика од други земји, каде што за одредени категории професии вакцинацијата е задолжителна, кај нас таа е право на избор, велат од Министерството за здравство, потенцирајќи ја важноста од вакцинација.
Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија сè уште се неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите.
Приложувањето сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи во сила и во соседна Грција, а во Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа.