Министерството за здравство реагира дека не е точно оти било која здравствена установа има вина или одговорност за погрешното тело што било испратено кај семејство од Врапчиште. Од таму посочуваат дека погребалните претпријатија, а не болниците, го доставуваат телото на семејството и го организираат погребот.
„Сите болници и ковид центри во целост го почитуваат протоколот за постапување со тела на починати лица во болнички услови сомнителни или потврдени на Ковид 19. По настапувањето на смртта и подготовка на телото согласно протоколите за заштита од Ковид 19, веднаш се повикува Јавно комунално претпријатие на општината или Бутел-погребен сервис АД Скопје за Град Скопје на кои им се предава телото“, стои во реакцијата на МЗ.
Претходно, ТВ 21 објави дека семејство од Врапчиште, наместо телото на нивната почината мајка, денес добило тело на непознат маж. Од семејството за телевизијата изјавиле дека откако го прифатиле телото, забележале дека наместо нивната мајка, во ковчегот се наоѓа тело на непознат маж, поради што се упатиле кон Инфективната клиника во Скопје, каде починала жената. По повеќечасовно барање, телото било конечно пронајдено во Гостивар, каде по грешка било испратено од болницата.