702
Министерството за здравство денеска преку соопштение изрази жалење што најголемата опозициска партија во државата во период на воведување КОВИД вакцинација, како што наведуваат, шири лажни вести, со кои ја манипулира јавноста вадејќи од контекст изјава на премиерката на Република Србија.
-Очигледно е дека ова монтирано видео е со единствена цел да создаде неоснована паника која може да има долгослежни поседици и врз здравствениот систем и врз колективното здравје на граѓаните. Министерството за здравство најостро ги демантира лагите денеска изнесени од страна на портпаролот на опозициската партија, а претходно објавени на социјалните мрежи од пратеник на истата партија. Ниту се одвивала, ниту се одвива илегална вакцинација, ниту било што поврзано со јавното здравје се прави на нетранспарентен начин. Вакцинирањето во Република Северна Македонија ќе започне во февруари, се наведува во соопштението.
Министерството за здравство. се посочува, води преговори за да обезбеди вакцини по три механизми, Ковакс, директни преговори и преку солидарниот фонд на ЕУ.
-Министерството за здравство и Националната техничка работна група за КОВИД вакцинација изготвија оперативен план за вакцинација во кои се утврдени приоритетните групи, број на потребни вакцини, пунктови на кои ќе се врши вакцинацијата. Со ваквите манипулативни видеа, свесно опозициската партија сака да го потцени и оцрни трудот на здравствените работници, експерти во областа кои работат на процесот на вакцинација, се посочува во демантот.
Министерството за здравство, воедно, бара итно да се повлече видеото, а портпаролот и пратеникот да се извинат јавно.
-Апелираме до јавноста да не ги зема предвид лажните информации. Од почетокот на ковид кризата министерството за здравство информира точно навремено и целосно транспарентно и така ќе продолжи и понатаму. Министерството за здравство ги повикува надлежните институции секоја злоупотреба или лажна вест да биде законски санкционирана затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника, стои во реакцијата од Министерството за здравство.