„Правда за жртвите” – ова е пораката која и вечерва беше упатена пред Владата каде што се одржа нов протест во врска со случајот со Клиниката за онкологија.
По протестот пред Владата, граѓаните тргнаа кон Министерството за здравство каде фрлија црвена боја, па зградата на МЗ изгледа како да е обоена со крв.
Организаторите на протестот истакнаа дека не е исполнет ултиматумот од минатата недела – Јавното обвинителство не ги објавило сите детали за текот на истрагата за скандалот на Онкологија.
Најавија дека ќе продолжат да протестираат пред владината зграда секој понеделник во 18 часот и дадоа рок дека доколку надлежните институции не преземаат ништо, нема никаква разврска околу овој случај до 1 ноември, тогаш ќе бараат притисок од меѓународната заедница за сите детали околу случувањата во Онкологија да бидат јавно објавени.
Вечерва поставија шест нови ултиматуми:
– Истрага за инволвираноста на поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот директор на Онкологија Нино Васев;
– Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија;
– Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија;
– Правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија;
– Обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово
– Одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривично дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.