471
По вчерашното гостување во ноќно студио на Телма на поранешниот директор на скопската Клиника за кардиологија Сашко Кедев, каде што истакна дека во моментов пациентите не можат да се лекуваат безбедно на клиниката, се огласи министерството за здравство.
„Министерството за здравство категорично ги демантира тврдењата на д-р Сашко Кедев. Министерството смета дека на д-р Кедев не му доликува во јавноста да изнесува невистини за работата на Клиниката за Кардиологија, на која и тој самиот до неодамна беше директор. Потенцираме дека на Клиниката за кардиологија работат истакнати професионалци од оваа област. Во исто време, тие постојано се доедуцираат во врвни странски и домашни институции. Како Министерство за здравство, ја гарантираме безбедноста на пациентите во процесот на лекување и третман на сите нивоа на здравствени услуги – се наведува во соопштението од ресорното министерство.
Од таму додаваат дека во во изминативе неколку месеци не се направени кадровски промени на клиниката, освен на позицијата шеф на ангио салата.
„Имено, на оваа функција д-р Жан Зимбаков го замени д-р Сашко Кедев, и сега раководител на ангио – салата е друг искусен интервентен кардиолог. Сметаме дека вчерашните тврдења на поранешниот директор на Клиниката за кардиологија, д-р Сашко Кедев, кои апсолутно се невистинити, се директен удар врз целокупниот здравствен систем од кој, и тој самиот е дел. Нема да дозволиме неоснованите и невистинити забелешки да не одвратат од нашата фокусираност кон вистинските реформски процеси – се наведува понатаму во соопштението на МЗ.