Лабораторијата за вирусологија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) го помина со максимален успех надворешниот тест на компетентност за детекција на вирусот ковид-19 (SARS-CoV-2), соопштија од Министерството за здравство .
Тестот е спроведен од Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ) и резултатот според здравствените власти е исклучително значајно признание со кое се потврдуваат заложбите на здравствениот систем за справување со ковид-19.
-Неодамна, експертски тим од Светската здравствена организација ја прогласи лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје за национален инфлуенца центар и рамноправен член на глобалниот систем за надзор и одговор на грип. За таа цел, експертскиот тим спроведе мисија за проценка и верификација на капацитетите на лабораторијата. Сето ова е уште една потврда за квалитетот на резултатите кои произлегуваат од лабораторијата на ИЈЗ, заедно со конфирмацијата на резултатите од референтната лабораторија на СЗО за детекција на SARS-CoV-2 – Шарите од Берлин, Германија“, изјави министерот за здравство Венко Филипче кој ги посетил вработените во ИЈЗ и им честитал на успехот.
Лабораторијата за вирусологија, потенцираат од МЗ, е опремена со високо софистицирана опрема и современи и валидизирани реагенси и тестови, а воедно е кадровски екипирана со искусен и добро обучен персонал.
Оваа лабораторија е референтна лабораторија во земјата за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи грип, морбили и рубеола, арбовируси (западно нилска треска, усуту вирус, вирус на крлежен енцефалкит, ЗИКА, вирус на рифт валеј треска и др.), како и вируси на хеморагични трески – хантавирус, кримско-конгоанска треска и други.